img
  • 18. Септември 2024 20:24

Што е искуствено учење?

Децата денес имаат многу повеќе разновидни искуства преку кои учат вон образовниот систем – тие имаат пристап до адаптирана технологија; полесен пристап до информации, различни култури, перспективи и идеи; повеќе патувања и повеќе воншколски активности. Затоа и нивниот пристап кон учење е поинаков т.е. очекуваат учење кое ќе вклучува директна вклученост, можност за размислување „на глас“ додека се формира заклучок, можност за поставување на прашања во фазата на истражување и конечно заклучоци кои ги разбираат и до кои стигаат самостојно (со мала поддршка).

Затоа најдобрите резултати во образованието денеска се постигнуваат преку користење на т.н. искуствено учење. 

 

Што е искуствено учење?

 

Искуственото учење е ангажиран процес на учење во кој учениците „учат правејќи“ и размислувајќи за искуството. Најчесто активностите кои се користат се практични лабораториски експерименти, стратегиски игри, игри со различни улоги, теренски истражувања, созадавање или градење како и специјализирани видео игри.

Искуственото учење мора да вклучува: самостојно и насочено размислување и тестирање на тези; можности за учениците да преземат иницијатива, да донесуваат одлуки и да бидат одговорни за резултатите; можности за учениците да се вклучат интелектуално, креативно, емоционално, социјално или физички; а целиот процес треба да овозможи учење за природни појави, последици од различни девувања во приодата, грешки или успеси при истражувањата. 

Учејќи на овој начин, учениците полесно ја поврзуваат теоријата и знаењата од училницата со ситуации од реалниот свет. Дополнително, тие стануваат и посвесни за сопствените вештини и интереси; различни начини на соработка и комуникација; самодоверба и лидерски вештини.



img