img
  • 25. Март 2025 10:44

Адаптациите на растенијата за суша вклучуваат стратегии за да се лимитира губењето на вода

🌱Кај растенијата се развиле голем број механизми за контрола на стапката на губење вода. Регулацијата на отворањето и затворањето на стомите обезбедува брз одговор. Морфолошките адаптации даваат долгорочни решенија кога се во прашање сушните периоди од вегетациската сезона. Дебелите и цврсти листови, кои најчесто имаат помал број на стоми и се сместени на долната страна од листот, губат вода многу побавно во споредба со поголемите, еластични листови кои се побогати со стоми. Листовите кои се препокриени со влакна (трихоми) рефлектираат повеќе светлина, со што се намалува степенот на загревање на листовите, како и потребата од транспирација за ладење при процесот на испарување.

Кај растенијата во сувите или полусувите живеалишта стомите се поставени во вдлабнатини или јами во површината на листот. Со ваквите измени, морфологијата на површината се менува, со што се намалува стапката на губење вода.

Двете стомини клетки од секоја страна на стомата се разликуваат од околните епидермални клетки не само по својата форма, туку и поради тоа што се единствени епидермални клетки кои содржат хлоропласти. Имаат специфична градба на ѕидот, кој е подебел од внатрешната страна, а е потенок на другите делови, што овозможува испакнување кон надвор и кон внатре кога ќе станат тургидни.

Автор: Мартин Трпевски

Ботаничка градина - Скопје