img
  • 16. Септември 2025 13:11

Сфагнумските тресетишта – чудесни сојузници против загадувањето

Замислете место каде мовот складира вода како сунѓер, каде што расте растение што „јаде“ инсекти, и каде природата сама се бори против загадувањето! Такви се сфагнумските тресетишта – ретки и неверојатно важни екосистеми.

Сфагнумот е посебен вид мов кој може да задржи огромни количини вода, и тоа не само додека е жив, туку и откако ќе се исуши. Овој мов создава тресетишта – влажни, кисели живеалишта каде што се таложат растителни остатоци што бавно се разградуваат и формираат тресет.

Иако покриваат само 3% од копното на Земјата, тресетиштата чуваат повеќе јаглерод отколку сите шуми заедно! Тие складираат меѓу 500 и 700 милијарди тони јаглерод и со тоа ни помагаат да го намалиме загадувањето на воздухот.

Во Македонија, едно вакво тресетиште се наоѓа кај Пехчево, на локалитетот Буковик. Таму покрај сфагнумот, расте и кружнолисната муволовка – уникатно растение кое се храни со инсекти! Ова растение има мали листови со лепливи капки што ги привлекуваат инсектите, а потоа ги разградува и од нив ги добива хранливите материи. Колку интересно, нели?

За жал, ова вредно живеалиште летово беше загрозено од пожари. Токму затоа е важно да ги заштитиме тресетиштата – не само затоа што се дом на ретки видови, туку и затоа што се природни „борци“ против климатските промени.

Овие теми ги обработуваме и на нашите едукативни работилници во с. Негрево преку Мрежата за искуствено учење (МИУ). Дојдете, научете и откријте го светот на тресетиштата со нас!

Автор на текстот: проф. Валентина Станоевска, Елена Минова