Народна техника - Скопје
Народна техника на град Скопје е формирана уште во далечната 1946 година. Во
рамките на организацијата Народна техника - Скопје се организираа и дејствуваа повеќе
општи и специјализирани организации – општи клубови, друштва и секции на клубовите на
Народна техника, како и повеќе специјализирани секции од разни области на техниката –
радиотехника, фототехника, авто-мото, бродомоделарска, воздухопловна техника и др. Преку
своите општи и специјализирани секции, Народна техника непрекинато работеше на ширење
на техничките познавања од разни области на науката и техниката. Голем број наши граѓани
првите и основни познавања од одделни гранки на техниката ги стекнаа токму преку
организацијата Народна техника.
Секако многу значајни се резултатите постигнати во обуката на кадри за Армијата и
стопанството. Во организацијата Народна техника – Скопје, оспособени се голем број возачи
на моторни возила – автомобилисти, мотоциклисти, трактористи, падобранци, воздухопловни
едриличари, кајакари, електромеханичари, радиотелеграфисти, моделари и макетари од
разни области, фото- и киноаматери, градежници и др. Голем број од овие кадри станаа
искусни квалификувани работници во фабриките, во земјоделските организации и др., а еден
дел станаа наставници и професори во училиштата, или се специјализираа во соодветни
воени училишта или технички единици во Армијата.
Ако треба да се бара најзначајниот белег во дејствувањето на нашата организација
во изминатиот период, тогаш тоа треба да биде нејзиниот придонес техничката култура да се
сфати како општествена потреба.
Традиционални манифестации:
-Градски натпревар на млади техничари и природници „Освојуваме нови знаења“
-ARDF/ARG маратон „Катлановска бања“
-Разни собири од одделни технички дисциплини во текот на обуката на кадрите
Специфични дејности:
-Тематски работилници
-Центар на млади истражувачи од природните и техничките науки
-Трибини за ширење на техничката култура (предавања, проекции, изложби, демонстрации и
др. )
-Центар за издавачка дејност (планови за самоградба, шеми, упатства, каталози, билтени и
сл.)
Позначајни награди:
-13-ноемвриска награда
-Златна плакета „Борис Кидрич“