ЈНУ Хидробиолошки завод, Охрид

Хидробиолошкиот завод, Охрид, е основан во далечната 1935 година по иницијатива на истакнатиот еколог и лимнолог академикот Синиша Станковиќ и претставува прва научна институција на Балканот. Вака оформената Хидробиолошка станица по Втората светска војна прераснува во Завод, кој во 1994 година е запишан во регистарот на организации за научноистражувачка дејност. Основањето на оваа институција претставува пресврт во истражувањата на уникатното Охридско Езеро, бидејќи се создадени предуслови за продолжување на систематското проучување на Езерото и богатата флора и фауна со голем број ендемични и реликтни видови. И не само на Охридско, туку и на другите две природни езера во Македонија: Преспанско и Дојранско, како и сите површински води: акумулации, реки и мочуришта. Во Заводот, уште од основањето сѐ до денес, заедно со неговиот научен кадар, истражувања вршеле голем број научници од водечки институти од Европа и светот. Денес Хидробиолошкиот завод е современа научна установа со завидна бројка на научен кадар: 12 доктори на науки, 2 магистри и еден помлад асистент, организирани во 10 одделенија: Одделение за физичко-хемиски истражувања Одделение за микробиологија Одделение за фитопланктон Одделение за зоопланктон Одделение за хидроботаника Одделение за фауна на дно Одделение за ципринидна фауна Одделение за салмонидна фауна, практично рибарство и аквакултура Одделение за болести на риби Одделение за молекуларна биологија Плодната научноистражувачка работа на научниот кадар резултира со голем број научни трудови објавени во домашни и престижни меѓународни списанија. Научниот кадар учествува на голем број меѓународни конгреси, симпозиуми, конференции и други научни собири. Својата активност Заводот ја проширува и преку соработка со други научни институции од земјата и странство, како и со учество во многубројни национални, регионални и меѓународни научноистражувачки проекти. Покрај тоа, институтот врши и активна мисија за заштита на животната средина преку многубројните предавања и стручни мислења од страна на научниот кадар. Хидробиолошки завод уште од основањето во 1935 година до денес врши порибување на Охридско Езеро со вештачки оплоден и одгледан подмладок од охридска пастрмка (Salmo letnica Karaman), во различни развојни фази. Хидробиолошки завод бил и ќе остане расадник на меѓународно признаени научници од областа на лимнологијата и пошироките сродни научни полиња и ќе дава сѐ поголем придонес во светот на науката.