Краток опис: Во реалноста ретко кој стигнува до раководна позиција на некој од клучните сектори за управување во локалната самоуправа, но сите без исклучок сме засегнати од одлуките кои надлежните ги носат, особено во моменти на криза предизвикана од природна непогода. Затоа оваа работилница, имплементирана преку друштвена игра, има висока цел – запознавање со одговорностите, но и прилика за играчите бар на момент да добијат улога на раководно лице кое одлучува за останатите. Но тоа не е се! Оваа друштвена игра побарува од учесниците да се справуваат со непогоди, кризи, но и секојдневни проблеми, да пронаоѓаат решенија во интерес на сите, а најмногу за заштита на сите. Ова значи тимска работа, споделување знаења, но и прифаќање научни резултати како основа за справување со криза. Прифаќањето и примената на научните резултати побарува и нивно добро разбирање, па затоа нашите „раководители“ ќе научат и како се добиваат, но и што значат научните резултати кои треба да ги применат за доброто на целото општество!
Ниво: 1
Времетраење: 180 минути
Код: 0
Големина на група: 18
Средина: Во просториите на опсерваторијата, на отворено, во училиште
Препорачана сезона: Без сезонско ограничување
Реквизити предвидени со правилата на друштвената игра; реквизити за изведување на кратки практични научни експерименти и мерења; работни листови
Работилницата се состои од повеќе активности и тоа:
1. Вовед – 20 мин.
Запознавање на учесниците со природните непогоди кои се среќаваат на планетата Земја, со посебен акцент на земјотреси и цунами. Дефинирање на правилата на игра и објаснување на сите елементи предвидени со играта.
2. Легендата за Сустинополис - градот кој преживеал со мудроста на своите водачи – 1 дел – 20 мин.
Поставување на друштвената игра. Поделба на одговорностите во управувањето на градот. Дискусија за дефинирање на стратегија за управување на секторот на секој играч, но и соработка со останатите лидери во насока на исполнување на мисиите и справување со настаните кои се случуваат во градот.
3. Легендата за Сустинополис - градот кој преживеал со мудроста на своите водачи – 2 дел – 90 мин.
Учесниците ја играат друштвената игра следејќи ги зададените правила. Преку исполнувањето на различните мисии, предизвици и настани, секој учесник пронаоѓа, согледува и спроведува свој сопствен начин за справување со катастрофи и несакани настани. Играта е така дизајнирана да важна улога игра и тимската соработка, при што учесниците едновремено стекнуваат различни меки, но и лидерски вештини. За разбирање на важноста на науката и научните резултати во справувањето со кризи, кога некој сектор од управувањето на градот ќе западне во кризна состојба, учениците добиваат задача да извршат мал научен експеримент чии резултати помагаат во решавање на кризата.
4. Препораки за однесување пред, за време на и после непогода – 25 мин.
Сметајќи ја личната подготвеност на секој еден за тоа како треба да се однесуваме за време на, но и после непогода, како најважен дел во стекнување на колективна подготвеност за справување со катастрофи, во овој дел, учениците се запознаваат со најважните препораки за мерки за заштита.
1. Заклучок и дискусија – 25 мин.
За заклучување и потврдување на стекнатите знаења и вештини, како завршен дел од работилницата, спроведуваме дискусија за впечатоците, воочените предности, но и слабости во спроведените активности при раководењето со важните институции во градот и справувањето со кризните ситуации и непогоди.
☼ Продлабочување на лидерските способности и тимската работа на учениците.
☼ Запознавање на учениците со ризиците – лични и колективни кои произлегуваат од неправилно спроведување на кризен менаџмент.
Оспособување на учениците да воочат ризик и да понудат решение за истиот.
☼ Оспособување на учениците да дадат брз одговор за колективно добро во случај на катастрофа.
☼ Обучување на учениците за мерките за заштита кои треба да ги следат за време, но и после непогода.
Воочување на важноста на примената на природните науки во справувањето со природната непогода земјотрес и како таа примена може да не заштити.
☼ Согледување на важноста од континуираната комуникација власт (одговорни лица) – научници (сеизмолози) и меѓусебно споделување на информации.
☼ Поттикнување на младинска активност и нивно вклучување во националниот систем за справување со катастрофи.
Резултатите се претставуваат континуирано во текот на работилницата, но и преку работните листови предвидени за експерименталните вежби.
☼ Дискусија помеѓу едукаторот и учениците.
☼ Компаративна анализа на реалното управување со катастрофи и симулираното во текот на играта. Предложување и разгледување на решенија на воочените слабости
☼ Учениците се оспособени да ги воочат потенцијалните слабости во справувањето со природна непогода и да работат на нивно отстранување.
☼ Учениците се запознаени со одговорностите и начинот на управување на раководните лица на различни сектори од општественото уредување.
☼ Учениците се поттикнати да преземаат активности за активно вклучување во системот за справување со кризи во својата околина.
☼ Учениците ја воочуваат важноста на науката во справувањето со последиците од природни непогоди.
Учениците се поттикнуваат за интерактивно делување со службите за цивилна заштита и Сеизмолошката опсерваторија во случај на природна непогода.
Сеизмолошка опсерваторија, Скопје
Најавете се за да можете да ги видите слободните термини и да закажете работилница.
Најави се Регистрирај се