Краток опис: Опасните последици на природните непогоди, помеѓу кои и земјотресот, во голем дел доаѓаат од непочитување на поставените правила за подготовка, заштита, но и отстранување на ризиците кои тие ги носат. Најдобар начин за учење на овие правила е преку вистински пример. Кога тој вистински пример во себе вклучува и примена на омилените играчки на децата, се постигнува полн погодок! Затоа работилницата „LEGO инженери во мисија за БЕЗБЕДЕН ГРАД“ предвидува игра со LEGO коцки, како замена за вистинските бетонски блокови, преку која освен што ќе ја разбудиме креативноста на децата, ќе ги натераме самостојно да ги пронајдат, воочат, научат и поправат грешките кои создаваат зголемени ризици за непосакувани последици во случај на природна катастрофа. Ќе ги научиме и за тоа како треба да постапат за време на катастрофа, но и ќе им ја покажеме примената и важноста на знаењата стекнати од природните науки во справувањето со природните непогоди.
Ниво: I, II , III
Времетраење: 180 минути
Код: 0
Големина на група: 20
Средина: Во просториите на опсерваторијата, на отворено, во училиште
Препорачана сезона: Без сезонско ограничување
Реквизити за гео-биолошко уредување на симулираната животна средина, LEGO коцки за градење на згради и други објекти, макета со ентериерно уредување на дом, работни листови.
Работилницата се состои од повеќе активности за постигнување на зацртаните резултати и тоа: 1. Вовед – 20 мин. Запознавање на учесниците со природните непогоди кои се среќаваат на планетата Земја, со посебен акцент на земјотреси и цунами. Претставување на карактеристиките на зададената животната околина и задавање насоки за понатамошно работење. 2. LEGO инженери – 40 мин. Секој учесник изработува зграда (за домување или институционална) по сопствено убедување, користејќи LEGO коцки. На овој начин, учесниците креираат и уредуваат свој замислен град со сите елементи од секојдневниот живот. 3. Единица за заштита и спасување – 30 мин. Анализирајќи ја претходно создадената животна средина, ги согледаме сите недоследности и потенцијални ризици кои го загрозуваат животот на луѓето во случај на непогода. Учениците се насочуваат кон исправка на сите лоцирани ризици, но и мапирање на високо ризични подрачја за кои ризиците не може да се отстранат. 4. План за лична заштита – 30 мин. И покрај совршено уредената животна средина, непосредни ризици кои може да не загрозат во случај на земјотрес, често се среќаваат и во нашата потесна околина – нашите домови. Користејќи макета на куќа, учесниците анализираат, идентификуваат и исправаат несоодветно поставен мебел, креирајќи безбедна околина за живеење. 5. Препораки за однесување пред, за време на и после непогода – 20 мин. Најважната алка во смалување на последиците од природна непогода, покрај отстранување на потенцијалните ризици од околината, е и личната подготвеност на секој еден за тоа како да се контролира паниката и како треба да се подготвиме, да се однесуваме и да се справиме со последиците. Во овој дел, учениците се запознаваат со најважните препораки за мерки за заштита. 6. Заклучок и дискусија – 40 мин. За заклучување и потврдување на стекнатите знаења и вештини, како завршен дел од работилницата, учениците тимски идентификуваат и предложуваат решенија на пронајдени ризици од реален пример, пополнувајќи работни листови. За отстранување и на минималните недоумици, едукаторот дискутира со учениците околу понудените решенија.
☼ Побудување на креативноста на учениците за креирање на реални градби користејќи коцки. ☼ Запознавање на учениците со ризиците за катастрофални последици при катастрофа кои произлегуваат од урбанистичкото уредување на просторот. ☼ Оспособување на учениците да воочат ризик и да понудат решение за истиот. ☼ Оспособување на учениците да одредат недостатоци во конструкција и ентериерно уредување на градби. ☼ Обучување на учениците за мерките за заштита кои треба да ги следат за време, но и после непогода. ☼ Воочување на важноста на примената на природните науки во објаснувањето на природната непогода земјотрес и како таа примена може да не заштити. ☼ Согледување на важноста од континуираната комуникација луѓе – научници (сеизмолози) и споделување на информации.
Резултатите се претставуваат на самостојно креираната скица на создадениот модел, но и со пополнување на зададени работни листови
☼ Дискусија помеѓу едукаторот и учениците. ☼ Компаративна анализа на ризиците лоцирани во изградениот модел и реален случај презентиран од едукаторот. ☼ Предложување и разгледување на решенија на воочените слабости. ☼ Учениците се оспособени да ги воочат потенцијалните ризици за големи загуби при природна непогода во својата околина. ☼ Учениците се поттикнуваат да преземаат активности за намалување на ризиците во своите домови и работни средини. ☼ Учениците ја воочуваат важноста на науката во справувањето со последиците од природни непогоди. ☼ Учениците се поттикнуваат за интерактивно делување со службите за цивилна заштита и Сеизмолошката опсерваторија во случај на природна непогода
Сеизмолошка опсерваторија, Скопје
Најавете се за да можете да ги видите слободните термини и да закажете работилница.
Најави се Регистрирај се