Националeн парк Галичица

Националниот парк Галичица во 1958 година е прогласен за национален парк со цел да се зачуваат растителниот и животинскиот свет и природниот изглед на планината Галичица. Околу 2/3 од Паркот се вклучени во границите на Светското природно и културно наследство на охридскиот регион, впишано на листата на Светско културно и природно наследство на УНЕСКО. Националниот парк Галичица се наоѓа во југозападниот дел на Македонија, на планинскиот масив Галичица, вклучително и делови од нејзините разграноци Исток и Петрино, како и островот Голем Град во Преспанско Езеро. Паркот претставува жариште на биолошката разновидност во регионот, на површина од приближно 24.000 хектари се среќаваат повеќе од 37 типови живеалишта, 40 растителни заедници, околу 1.600 таксони од васкуларните растенија, над 143 вида лихеноидни габи, повеќе од 480 вида габи и преку 3.279 таксони од фауната. Од големиот број културно-историски споменици на територијата на Паркот позначајни се: манастирот „Св. Наум“, црквата „Св. Богородица Захумска“, археолошките наоѓалишта на островот Голем Град и многу други. Со реориентирањето на Паркот, започнато во 2018 година кон управување со заштитата, како и кон развој на одржлив туризам, зголемена активност има и на полето на еколошката едукација. Во 2020 година беше креирана и нова петгодишна Стратегија за еколошка едукација на НПГ за периодот (2021 – 2025 година). Националниот парк Галичица располага со силно развиена инфраструктура за успешно спроведување на активностите поврзани со еколошка едукација, тука се инфоцентрите во Охрид и Стење, Зелената училница на отворено „Галичица на дланка“, големиот број информативни табли, разновидниот промотивен материјал, понуда од разни модули за успешни работилници и сл.