ДОМОТ НА МУВОЛОВКАТА

Едукативен центар за зачувување на природата - Негрево

Едукативен центар за зачувување на природата - Негрево logo

Краток опис: Учениците ги осознаваат различните типови водни живеалишта, конкретно се запознаваат со тресетиштето како екосистем и со неговите карактеристики на терен, преку набљудување, колекционирање и анализа на собраниот материјал во едукативниот центар.

Ниво: I, II, III, IV

Времетраење: 180 минути

Код: ТЕР 7.2

Големина на група: 30

Средина: Лабораторија

Препорачана сезона: терен

Потребни материјали

Терариум, китови за терариуми (стаклени тегли, тресет - мов - свагнум), минибинокулари, апарат за пластифицирање, Ph-метар, термометар, бинокулар, детски двоглед за набљудување птици, самолепливо пикадо, лакмус-лента, пластични садови, мрежа за инсекти, пинцети, флакони, пластични епрувети, петриевки, сталак за епрувети, рачни лупи, покровни и предметни стакла, капалки за вода, мрежи за колекционирање ларви и други ситни организми, фотоапарат, миникамери за зголемување.

Детален опис

Активност 1 – Домот на муволовката


Вовед – 15 минути


Учениците се запознаваат со живеалиштето тресетиште и пошироко како екосистем, се запознаваат со неговата функција и постоечкиот жив свет што живее во него. Воедно, преку истражување и различни интерактивни активности, се покажува важноста на живеалиштето, потребата за заштита и зачувување и влијанието на климатските промени врз неговиот опстанок, односно какви промени ќе настанат со неговото исчезнување. Исто така, учениците се запознаваат со инсектојадното растение Drosera rotundifolia, познато уште и под името кружнолисна муволовка, кое расте само во ваков тип водно живеалиште.


Реализација на терен - 60 минути


Учениците се движат по патеката што треба да ги донесе до домот, односно живеалиштето на кружнолисната муволовка. Движејќи се по патеката тие застануваат на секоја обележана точка, каде што едукаторот ги поттикнува учениците да дискутираат за обележјата на околината (соодветното живеалиште), да го опишат локалитетот и воедно да се запознаат со главните карактеристики на различните типови живеалишта.


Кога ќе пристигнат на локацијата (Јудови ливади) со Drossera rotundifolia – кружнолисна муволовка, едукаторот ја повторува истата задача. Ги поттикнува учениците да дискутираат за неговата функција и важност. Се набљудува тресетот, се дискутира неговиот изглед и структура и живиот свет што може да се забележи и да се евидентира. Учениците треба да дискутираат дали промената на временските услови и климатските промени може да влијаат и како ќе влијаат врз ваквиот тип живеалишта и врз опстанокот на кружнолисната муволовка. Доколку е евидентирано присуство на муволовката, учениците треба да ја опишат, или пак подоцна, едукаторот ќе даде опис на муволовката и на нејзините карактеристики. Потоа учениците преку набљудувањето на живеалиштето и неговата околина, во соодветен формулар, приспособен според возраста на учениците, ги собираат сите евидентирани појави - за стоечка или течечка вода, присуство на растенија, животни, инсекти и нивните карактеристики, се мери киселоста на почвата со pH- метар или лакмус-ленти, се дискутира за составот на почвата.

Учениците се враќаат во центарот, каде што можат или да го нацртаат или да го изработат тресетиштето (I, II, III ниво) според собраните информации од истражувањето и набљудувањето на терен. Друга можност е да добијат китови (сетови) и самите треба да го направат домот, односно живеалиштето на муволовката.


Реализација во лабораторија/Едукативен центар - 40 мин


Дискусија – 10 минути


Се анализираат и се споредуваат добиените резултати, а преку дискусија и јавна презентација се изнесуваат заклучоци од истражувањата и се изнесуваат заклучоци од набљудувањето.


Активност – 2 Тресет – што е тоа?


Реализација во едукативниот центар - 60 минути


Изработени се два терариуми, еден со активен жив екосистем и втор во кој е поставен истиот екосистем без вода, како и други фактори што ќе ја менуваат микроклимата на терариумите. Целта е да се покажат функционалноста и значењето на постоењето на тресетиштето.


Се анализира и се дискутира за живиот свет во тресетот. Се истакнува муволовката и се анализира нејзината градба и изглед. Се дискутира за начинот на функционирање на ова растение, зошто расте токму тука, се дискутира за живиот свет што постои само на одредени локации, во одредени живеалишта, во специфични услови, ендемизам и сл.


Дискусија - 10 минути


Учениците дискутираат за живиот свет што го забележале во природата и за она што се случува во терариумот. Дискутираат и ги споредуваат со карактеристиките на природното тресетиште.


Се анализираат и се споредуваат фотографиите на различните живеалишта и евидентираните видови, а преку дискусија учениците носат заклучоци од истражувањата и се изнесуваат заклучоци од набљудувањето.

Очекувани резултати

 Да ја набљудуваат природата и да ги евидентираат физичките фактори, притисоците и заканите, влијанието на човекот.  Да ги идентификуваат различните макроскопски видови животни и растенија што живеат во и покрај барскиот екосистем.  Да мерат одредени физичко-хемиски параметри на водните екосистеми.  Да колекционираат материјал за различни истражувања.  Да ги изолираат и да ги групираат микроскопските живи организми во собраниот материјал и да ги набљудуваат под микроскоп.  Сликовно да ги претставуваат карактеристиките на евидентираните живи организми во барскиот екосистем.  Да ги бележат резултатите добиени од терен и од анализата во лабораторија и да ги анализираат и споредуваат.  Да ја воочат важноста на овој тип водени живеалишта.  Да ја идентификуваат потребата од грижа и заштита на овие екосистеми.  Да ја воочат важноста на влијанието

Презентација на резултати

Од учениците ќе се очекува на крајот од работилницата и активностите да знаат да го опишат живеалиштето - тресетиштето и неговите физички карактеристики, да дискутираат за условите во живеалиштето што ги констатирале врз основа на своите истражувања, да имаат збогатени знаења за живиот свет во овој тип живеалиште, да ја идентификуваат важноста на постоењето на овие живеалишта, да го воочат влијанието на климатските промени врз функцијата на овој тип живеалиште.

Интерпретација на резултати

Теренското набљудување и мерење, како и анализите во лабораторија, им помагаат на учениците сами да ги осознаат условите во животната средина, како и животните заедници во истражуваното живеалиште. Се разговара и се повторува за веќе научените поими: животни услови, синџир на исхрана, плен-предатор и сл.
Сумирање на најважните заклучоци од работилницата. Набљудувањето на тресетот, како и неговата анализа, анализите на другиот жив свет, им помагаат на учениците сами да ги осознаат условите во животната средина, како и животните заедници во истражуваното живеалиште. Се разговара и се повторува за веќе научените поими: животни услови, синџир на исхрана, растителен и животински свет и сл.

Возрасти

  • I одделение
  • II одделение
  • III одделение
  • IV одделение
  • V одделение
  • VI одделение
  • VII одделение
  • VIII одделение
  • IX одделение

Едукативен центар за зачувување на природата - Негрево


ВАЖНО

Најавете се за да можете да ги видите слободните термини и да закажете работилница.

Најави се Регистрирај се